Продажбата на електрични автомобили зголемена за 60%

Geonet GPS > ВЕСТИ > Вести > Продажбата на електрични автомобили зголемена за 60%
електрични коли

Побарувачката за електрични автомобили е сѐ поголема, а најголемите светски економии сметаат дека токму овие автомобили ја претставуваат иднината на превозните средства.

Според The Guardian, бројот на продадени електрични автомобили во светот ја помина 2 милионската бариера претходната година, откако цените паднаа и производителите почнаа со производтство на нови модели.

Бројот на автомобили придвижени на батерии броеше само стотици на глобално ниво во 2005 година, помина на повеќе од 1 милион во 2015 и во 2016 година продажбата се зголеми за 60%.

Кина, САД и Европа се одговорни за повеќе од 90% од продажбата на електрични возила минатата година, од кои Кина е најголемиот пазар на електрични автомобили, втор најголем пазар е Европа додека на трето место е Северна Америка, според истражувањето на Меѓународната агенција за енергија.

Во некои европски земји, растот е толку брз што електричните автомобили преземаат значителен удел на пазарот од бензинските и дизел-моторите. Речиси една третина од новите автомобили што се продаваат во Норвешка се електрични, што е најголем процент во светот, по што следат 6,4% во Холандија и 3,4% во Шведска.

Растот на глобално ниво покажува “брза еволуција на пазарот” кај електричните автомобили, соопшти ИЕА, но предупреди дека тие сочинуваат само 0,2% од сите патнички автомобили. 

електрични автомобили

ИЕА изјави дека во светот има 2.3 милион станици за полнење, но јавните се помалку бројни со размер од шест на еден, што укажува на тоа дека повеќето возачи се надополнуваат дома. Агенцијата проценува дека ќе има 140 милиони електрични автомобили до 2030 година на глобално ниво, ако земјите ја исполнат целта на Парискиот климатски договор.

Пазарот на електрични автомобили бележи раст од година во година, а во добар дел тоа се должи на менувањето на инфраструктурата на градовите, но и со склоноста на автомобилските компании кон произведување на вакви автомобили. Во последниот период, многу градови и земји, најавија построги критериуми во врска со загадувањето на воздухот, па еден од можните потези во иднина  е целосна забрана за продажба на автомобили на фосилни горива. Франција и Велика Британија планираат да ги забранат класичните автомобили до 2040 година, додека Холандија планира тоа да го стори најдоцна во 2030 година.

електрични автомобили