+389 2 3290 020

info@gps.mk

Скопје доби Мерцедес еко автобус

Geonet GPS > ВЕСТИ > Вести > Скопје доби Мерцедес еко автобус
еко автобус

Директор за продажба на комерцијални возила на „Мак аутостар“ и градоначалникот  Петре Шилегов потпишаа договор за пробно користење на автобус на гас од марката Mercedes во градскиот превоз.

„Скопје заслужува автобуски превоз кој нема да загадува, ќе биде енергетски ефикасен и кој во целост ќе излезе во пресрет на потребите на граѓаните коишто го користат. За таа цел потпишавме договор со ‘Мак аутостар’ за пробно користење автобус на гас од производителот ‘Mercedes Benz за период од два месеца. Автобусот е направен по последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас“,  изјави Шилегов.

Предностите на овој автобус се тоа што емитува значително помалку CO2, речиси воопшто не го загадува воздухот, и тоа што ќе троши околу 50% помалку гориво, во споредба со потрошувачката на старите дизел автобуси.

„Минатиот месец потпишавме договор за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци, наменет за линија 15, а овој автобусот наредниве 2 месеца ќе сообраќа на линија број 5. Ова се одлични можности кои ќе не збогатат со нови искуства за градот, што понатаму ќе можеме да ги користиме во планирање на модернизацијата на јавниот градски превоз. Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот“, рече Шилегов.

Новиот пробен автобус Mercedes-Benz, Citaro CNG е опремен со сензори за светло и дожд, видеокамери за да се следи делот кај возачот и делот за евиденција на билетите, има систем за автоматско “клекнување” на возилото на автобуски постојки, има и приклучоци за полнење на мобилни телефони. Овој автобус испушта помалку издувни гасови од еуро 6 моторите и со тоа загадувањето ќе биде сведено на минимум.

Шилегов нагласи и дека од буџетот на Градот годинава се предвидени субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари за ЈСП и 20 милиони за приватните превозници.