Меѓународниот ден на жената е ден кога се одбележува борбата на жените за политичка, економска, и социјална рамноправност со мажите. Првиот Ден на жената е одбележан на 28 февруари 1909 година во Њујорк, САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка. Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум. Следната година, на 19 март 1911 година овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
Во организација на Платформата за родова еднаквост и на активистки за женски права, по повод Меѓународниот ден на жената, денеска во Скопје ќе се одржи „Марш за правата на жените”. Маршот ќе почне од Жена Парк и ќе заврши на плоштадот Филип Втори.
Земајќи го предвид родовиот јаз во економската, политичката и социјалната сфера на државата, Маршот за правата на жените ќе испрати порака дека родовата еднаквост е важен фактор кон постигнување на демократско и еднакво општество, се вели во најавата за настанот.